Почетна / Интервју / Колумни / КОЛУМНА: Грешка ли е да се греши? – Ана Чучкова

КОЛУМНА: Грешка ли е да се греши? – Ана Чучкова

Се раѓаме и почнуваме да учиме милион правила за начинот на живеење. Некои од нив ги прифаќаме за да ни го олеснат животот, но некои од нив се наметнуваат од општествениот живот, како работите научени од нашите родители, кои ги прават некако автоматски, како што тие ги научиле, без притоа да знаат зошто ги прават, нештата од нашата религија и така натаму.

Дали кога ќе „згрешите“ можете да признаете? Дали ја прифаќате вашата „грешка“ и продолжувате понатаму без да се обвинувате и да се казнувате самите поради тоа?
Пред да си одговорите на овие прашања, сигурно сте забележале дека терминот грешка го ставив во наводници. Би сакала да ви обрнам внимание малку на тоа, па понатаму да продолжам. Имено, што точно значи да „грешиме“? Кој одредува дали некоја наша постапка е погрешна? Кој може да земе толку голема одговорност и да ви посочи што точно сте згрешиле?
Е, камо да имаше некој или нешто што најточно би ни кажувало што грешиме и сѐ ќе беше многу поедноставно. Многу наши стравови и чувства на вина немаше да постојат ако сѐ беше толку едноставно. Но нештата се посложени. Се раѓаме и почнуваме да учиме милион правила за начинот на живеење. Некои од нив ги прифаќаме за да ни го олеснат животот, но некои од нив се наметнуваат од општествениот живот, како работите научени од нашите родители, кои ги прават некако автоматски, како што тие ги научиле, без притоа да знаат зошто ги прават, нештата од нашата религија и така натаму.

БОРБА ЗА СОВРШЕНСТВО

Така ние си формираме некакви дефиниции за тоа што и како треба да живееме, што е исправно, а што погрешно. Точно овие дефиниции создадени во текот на нашиот живот ни создаваат страв од тоа да не грешиме. Постојано некаде во несвесниот дел се вртат гласовите на нашите родители, наставници, пријатели, како нѐ прекоруваат и постојано ни укажуваат на тоа што сме „згрешиле“. Стремејќи се кон совршенство и не дозволувајќи си да грешиме и ние почнуваме да критикуваме и постојано да ги бараме грешките кај другите. Почнуваме да критикуваме и да осудуваме. Нешто што ние не можеме да си го дозволиме на самите себеси, не можеме да го прифатиме и кај другиот.
Често сте ја слушнале реченицата: „Како може вака да прави? Јас никогаш не би го направил/а ова!“ Ги отфрламе луѓето што постапуваат различно од нас. Доколку продолжи ова, ризикуваме да останеме сами со нашата критика кон другите, која всушност е критиката кон самите нас, кон тоа што не сме научиле да си дозволиме да згрешиме, тоа што не сме се прифатиле такви какви што сме и сме создале идеална слика за нас самите, стремејќи се секогаш таа слика да ја задоволиме.

ГРЕШКА Е ЗА НЕКОЈ ДРУГ

Но границите на дефинициите за тоа што е грешка, а што не, може и да се поминат. Многу големи умови постигнале неверојатни работи единствено само затоа што ги минале точно утврдените граници на ваквите дефиниции за правилно и неправилно. Колку што една вака наметната дефиниција може да ни помогне, толку повеќе може и да ни го зароби размислувањето и да го насочи само во еден правец. Запрашајте се само како едно дете би научило да создава и да открива нови форми и движења на четкичката за боење, ако постојано и послушно ги бои само оние цртежи што му ги нуди боенката? Да, можеби за наставничката или за наставникот неизлегувањето од линијата на цртежот значи одлично завршена работа и тоа се оценува со чиста петка, но дали навистина само тоа е правилно или постојат и други можности на тој лист хартија? Излегувањето од линијата на веќе создадениот цртеж за некој е грешка, а за уметникот е ново доживување, ново согледување, барање и учење нови можности и начини за создавање.
Можеби првите два-трипати нема да излезе ништо, но сигурно ќе се дојде до убаво и ново решение доколку постојано да ја движи четкичката во веќе нацртаните граници.
Затоа треба да бидеме свесни за „грешките“. Да знаеме дали тоа е навистина грешка или е грешка за некој друг. Важно е да го правите нештото со целосно отворено срце, очи и разум, да го правите нештото што навистина знаете дека можете да го правите без притоа да си создавате некаква идеална слика. Прифатете се такви какви што сте, несовршени. Дозволете си да згрешите и, кога самите сметате дека сте згрешиле, не обвинувајте се, едноставно прифатете ја грешката и продолжете понатаму. Ќе бидете изненадени од резултатот, а во исто време ќе научите да им простувате и да ги прифаќате и другите што според вашите мерила некогаш грешеле.

За Мартин Ѓорѓиев - Штип