Интерјву со м-р Мартин Ѓорѓиев, вложувај во себе и радувај се на туѓата среќа

Паралелното студирање не е невозможно. Напротив, по углед на развиениот свет  универзитетите како реална опција го нудат и кај нас. Штипјанецот Мартин Ѓорѓиев е еден од ретките кои има две факултетски дипломи, една магистратура и втора во финална подготовка, а планира да се потпише и на два докторски труда. Економијата му е пресметан избор, психологијата љубов, а нивниот спој го практикува и професионално и волонтерски.

-Како се случи да стекнеш две факултетски дипломи во рекордно време, наскоро и две магистарски титули?

М.Ѓ- Прво се запишав на Меѓународниот Славјански Универзитет на Факултетот за економија. Наредната година зедов индекс на УГД на Факултетот за природни и технички науки. Паралелно студирав и на двата факултети, дипломирав во рекордно време, магистрирав економија на Славјанскиот универзитет, а сега сум магистрант по психологија, а сум и на  специјализација – доквалификација за наставничка компетентност.  Отсекогаш сум сакал да студирам економија, но психологијата ми е љубов. Економијата и психологијата можеби изгледаат неспоиви, но во пракса, ете и на еден од предметите на кој асистирам – организациско однесување, од овие две науки правам спој и сметам дека секој кој сака да биде комплетна личност и прифесионално и приватно, потребно е да се има знаење од повеќе области.

11082513_976835715660508_6798977633576028375_n

-Каде се гледаш себеси после неколку години, кога ќе станеш доктор и на економски и на психолошки науки

М.Ѓ- Иднината секогаш си ја замислувам и планирам овде, сметам дека Македонија им нуди можности на младите квалитетни луѓе, еве јас добив можност за работа на Славјанскиот универзитет како добар студент и најмлад магистар на 24 годишна возраст. За докторски студии планирам да аплицирам надвор од државата но не сметам дека македонскиот образовен систем е неквалитетен, напротив со самото наше излегување истовремено ќе го презентираме нашето образование во светот и ќе донесеме позитивни искуства кои ќе може да им го пренесеме на нашите идни колеги,  но иднината дефинитивно ја гледам овде.

-Јавноста те знае како активист во невладиниот сектор?

М.Ѓ- Во невладини организации волонтирам уште од училишна возраст, продолжив како студент, а работам и сега. Отсекогаш имам потреба да им помагам на луѓето, долго планирав да создадам здружение каде што со задоволство ќе работат и ќе се пронајдат сите, оние кои можат да помогнат некому, но и оние на кои помош им е потребна. Така се создаде Невладината  Цивитас пред околу две години, здружение ориентирано кон социјално исклучените лица, ризичните групи, лицата со посебни потреби, со физичка и ментална попреченост. Во Цивитас членуваат и вредно работат граѓани од сите возрасти и од скоро сите стручни профили, а помош ни бараат лицата во социјален ризик но и такви кои бараат помош  во инстуционалните постапки.

10710626_335552453284643_8141970779805954404_n

-Во најголем број од реализираните проекти, партнер ви е Општина Штип?

М.Ѓ- Во Штипската локална самоуправа и градоначалникот Захариев најдовме партнер кој логистички, технички  и стручно ни помага од основањето на Цивитас. Заедно ги организиравме хуманитарните концерти за помош на Дневниот центар за деца со посебни потреби но и за настраданите во поплавите во Србија и Босна. Заедно со Советот на млади при Општина Штип организиравме неколку собирни акции и трибини за менталното здравје и за превенција на ризиците на работното место. Во октомври планираме бројни настани, пак  со Општина Штип, Меѓународниот Славјански Универзитет и Американското катче подготвуваме предавање за менталното здравје. Во Цивитас посебно горди сме на еден од најстарите проекти на кој работиме постојано, проект кој го насловивме – Подади трака без да знае другата, чија цел е со облека и постелнина да им помагаме на социјално загрозените наши сограѓани. Цивитас е член на Националната комисија за борба против трговијата со луѓе, а планираме проекти и за подигање на јавната свест за правата на граѓаните, посебно на правата на социјално исклучените лица. Сето ова Цивитас го реализира без финансиска поддршка од ниту една фондација, благодарение на сите кои волонтираме но и на Општина Штип која до сега има слух за реални проекти преку кои невладините организации, барем минимално може да го подобрат животот во градот. Во моментот сме фокусирани на најголемиот приоритет на Цивитас а тоа е случајот за Иван Стојанов и неговото лекување во Кина за кое е запозната и пошироката јавност, па  во летниот период ќе следат настани за собирање на потребните средства.

10395197_333116346861587_353121588467469088_n

-Реална ли е кај нас хуманитарната работа и волонтитањето во невладини организации заради хумани, а не материјални причини?

М.Ѓ- Мене главен мотив за граѓанското ангажирање ми е чувството на исполнетост кога некому помогнеме, а факт е дека секому понекогаш му треба помош, секој може да се најде во ситуација да бара некаква помош, па затоа сметам дека помагањето со волонтирање во невладини организации треба да е гордост и дел од секојдневието пред се на младите. Во некои држави од  развиениот свет волонтерството, посебно во организации насочени кон заштита на социјално исклучените групи, толку се цени, што дава првенство во вработувањето или запишувањето на факултет. Кај нас се уште невладиниот сектор има печат дека врти големи пари, дека таму се работи само формално, но во најголем дел од невладините организации не е така. Но, за да има успех било кој настан или акција, треба поголем интерес за вклучување да пријават самите граѓани. Нивното присуство дури и како публика на некој настан, говори дека тие даваат поддршка, лично, но и во името на организацијата во која професионално се реализираат. Мислам дека за успешна реализација на некој невладин проект, проблемот не е толку во институциите, туку во граѓаните, кои тешко прават исчекор од секојдневието и во мал број се вклучуваат во граѓанските проекти. Цивитас продолжува со својата агенда за менување на јавната свест за отворено срце и помош за сите на кои им е потребна и секогаш со мото дека туѓата среќа не усреќува и нас, посебно кога барем малку сме придонеле за неа.

1604699_310795879093634_3089019492876892029_n