Интервју со проф. Вангелица Маџунова Гаврилова – психотерапевт: Колку шестчасовното работно време е предност на компаниите?

На оваа тема разговаравме со проф. Вангелица Маџунова Гаврилова – психотерапевт која предава на Меѓународниот Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ во Свети Николе и Битола, а зад себе има богато работно искуство во повеќе проекти, истражувања, анализи од областа на психосоцијалната сфера. Паралелно е вклучена и во активности во НВО и тоа: Клубови на лекувани алкохоличари, Здружение на лица со церебрална парализа, Здружение на самохрани мајки „Стела“ Велес, кое работи, пред сè, со жртви на семејно насилство, но и со адолесценти кои робуваат на пороците.

 Колку време работевте како индустриски психолог и што мислите за скратеното работно време?

Гаврилова: Деветнаесет години бев вработена како индустриски психолог во некогашниот најпрофитабилен индустриски гигант во Република Македонија, Металургиско Хемискиот Комбинат „Злетово“ – Велес, кој броеше 1700 вработени. Работев во кадровската служба за прием и селекција на кадри при вработување и распоредување на соодветни работни места, но и во лекарскиот тим во фабричката здравствена установа при тековни здравствени и систематски прегледи на вработените. Лонгитудинални испитувања и анализи направив во делот на професионалниот травматизам, флуктуацијата, сменското работење како и во проблематиката на апсентизмот, фокусирајќи се приоритетно на отсуствата од работа по основ на боледувања. Во соработка со Рударскиот Институт од Тузла учествував во изработка на елаборати за анализа на работни места со посебни услови за работа.

Што се однесува до скратеното работно време можам да кажам дека тоа стана многу актуелна тема меѓу бизнис круговите во светот, а во некои развиени земји и се применува. Така, шведските власти воведоа шестчасовно работно време во повеќе компании при што очекуваат дека со оваа пракса ќе можат да ги намалат боледувањата, да ја зголемат продуктивноста и да заштедат повеќе пари.

 

Какви промени настануваат во делот на заштитата при работа?

Гаврилова: Во делот на заштитата при работа евидентни се промени во два правци. Во првиот случај има значително намалување на штетните влијанија на работната средина и намалување на ризиците од класичните штетни влијанија, а во вториот се јавуваат нови штетни влијанија по здравјето на работникот. Како позначајни меѓу нив се: зголемената одговорност во работата, интензивирањето на вниманието и психичката напнатост. Опасност се смета и монотонијата, бидејќи чувството на здодевност не се јавува само кај репетитивните работни процеси, туку и заради субјективниот однос на работникот спрема работата. Ваквиот вид монотонија предизвикува намалување на активноста на работникот, песимизам и невротични реакции. Освен монотонијата, како посебна психолошка последица се јавува и губењето на класичниот статус на идентитетот на личноста на работникот, бидејќи во работните средини каде што доминираат автоматизираните процеси со континуирано времетраење, работниците се чувствуваат во голема мера изолирани и отуѓени.

13275221_883102725135418_1048531837_o

 

Како може  лошите услови за работа да влијаат врз психичката состојба на вработените?
Гаврилова: Работата има големо поволно влијание на менталното здравје, но има околности под кои и не помага толку. Иако постојат малку докази дека лошите услови на работа можат директно да предизвикаат депресивни нарушувања, претераниот притисок и стрес можат во комбинација со други проблеми, како што се проблемите во семејството или блиски тажни случки, да придонесат за развој на депресија. Многу истражувања покажале дека поедини видови на работа се склони да ги направат луѓето несреќни на работните места. Работите на кои вработените не можат да ги користат своите вештини, или кои се повторуваат, односно се исти секој ден, имаат тенденција луѓето да се чувствуваат заситени од работата. Несигурноста во сопствената изведба, или во идните промени во вработувањето можат да резултираат со чувства на напнатост и грижи.

 

Ваши сознанија во врска со скратеното работно време од работата во една голема компанија.

Гаврилова: Скратеното работно време како една промена на условите за работа се чувствува како најголема погодност во однос на ноќната работа. Скратената ноќна смена е помалку непријатна, се забележува мотивираност и способност за поголема продуктивност во единица време, во голема мера се намалуваат или исчезнуваат физичките и психичките тегоби, а забележително се намалуваат поспаноста и малаксаноста. По 6-часовната ноќна смена времето за одмор во текот на денот е многу пократко, па работниците освен за одмор имаат време и за други активности.

Прашањето на релацијата скратено работно време – продуктивност и вработување нови лица е: дали со скратувањето на работното време, продуктивноста на трудот, искористеноста на производните средства и доходот можат да се зголемат во толкава мера така што личниот доход на постојниот број вработени да остане барем на исто ниво, т.е. да не се влоши економската состојба на компанијата. Аналогно на ова е и прашањето за воведување повеќе смени преку нови вработувања. Одговорот на ова прашање е сложен бидејќи треба да се земат во предвид повеќе фактори, меѓу кои позначајни се: искористеноста на работното време, степенот на вработеност во компанијата, застапеноста на сменската работа, степенот на автоматизацијата и механизацијата на производните средства, зависноста на домашната индустрија од увозната технологија и суровини, и можноста за сигурен пласман на производите.

 13235767_883103078468716_524807740_n

На кој начин можат работниците повеќе да се мотивираат но и заштитат, особено оние на работни места со посебни услови за работа?
Гаврилова: Современиот процес на работа на работни места со посебни услови за работа се карактеризира со специфичности во содржината на работата кои ја наметнуваат потребата од преземање на соодветни мерки за заштита при работа. Меѓу таквите мерки како позначајни се: менувањето на работната активност за одредени временски периоди, наградувањето на работникот според количините и квалитетот на производство, а не според времето поминато на работа, овозможување работникот да ја чувствува работата како континуитет од посебни задачи, а не како бесконечен процес, извршување на работните задачи во хомогени социјални групи, давање одмор во времето кога работникот најмногу ја чувствува потребата за тоа и како посебна мерка се јавува скратеното работно време. Тоа има повеќефакторска општествено-економска условеност во однос на: порастот на производството и квалитетот на работењето како и зачувувањето на психофизичкото здравје на работникот, неговата работна способност и социјалниот ритам на живеење.

За крај и едно општо прашање – Ваше мислење како долгогодишен индустриски психолог во компанија, но и од работата во невладиниот сектор: цените ли дека способноста, знаењето и квалитетот секогаш доаѓаат до израз, се почитуваат и наградуваат?

Гаврилова: Слободно можам да кажам дека многу личносни квалитети на кои нè учеле, за жал, малку сме ги подзаборавиле. Едноставно, во денешницата ја изгубиле својата вредност иако декларативно постојат. Не е мал бројот на работници во компании, институции, организации со висок капацитет на знаење, работно искуство и останати професионални квалитети, да останат во „сенка“ и обратно. Честопати се случува кога способните и умните ќе се изморат од притисокот на неспособните и расипаните да се повлечат, а тоа им е целта на вторите и така се создава терен и услови за ширење и зацврстување на монополот на глупоста. Па нели се вели дека животот е борба во сите сфери на егзистирање. Но, едно треба да сфатиме дека неуспехот не смее да се дозволи да предизвика фрустрации кои личноста ќе ја водат во регрес, туку како што вели познатата максима – лекција како да се издржи и продолжи понатаму, зошто животот е амплитуда на постојани успони и падови, иако околностите се такви какви што се. Како и да е, неуспехот не е ништо друго туку само чекор кон целта. Човечноста, знаењето, способноста, самодовербата, синергијата, но и успехот носен на сопствените плеќи трудете се да бидат Вашето основно мото, драги мои…