Интервју со м-р Катерина Данилова, за тоа што претставува мобингот  и  постапка за заштита од психичкото вознемирување  на  работното место

0
2011

Што претставува мобингот и кога тој се појавува како феномен, како може да препознаеме мобинг и кои се последиците од него, како мобингот е правно регулиран во Р.Македонија, како и околу постапката за заштита од психичкото вознемирување на работното место ќе поразговараме со  М-р Катерина Данилова, докторант на правни науки.

  1. Што претставува мобингот?

-Мобингот, (анг. „mob“ што означува агресивен чопор и „mobbish“ што означува грубо, вулгарно) претставува специфична форма на однесување на работното место, каде што една личност или група на луѓе психолошки злоупотребуваат друга личност, со цел да се загрози угледот, честа, човечкото достоинство и интегритет, па се до елиминација на загрозената личност од работното место.

Мобингот претставува подолготрајно психичко малтретирање, притисок на работното место, измачување, изложување на работникот на застрашување, исмевање на работното место, а во одредени случаи и насилство на работното место.

  1. Кога се појавува мобингот како феномен?

-Мобингот како феномен постои неколку децении и е проучуван од страна на многу научници, но прв го формулирал шведскиот психолог д-р Хајнц Лејман (Heinz Leymann) во 80-те години. Дефиницијата за психичко вознемирување од овој психилог е меѓународно прифатена дефиниција и гласи: „ Психичко вознемирување на работното место (мобинг) е секое негативно однесување од поединец или група, кое често се повторува (најмалку еднаш неделно во период од шест месеци), а претставува повреда на достоинството, угледот и честа на работникот и предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување“.

Имено, д-р Хајнц Лејман напишал и енциклопедија за мобинг, каде ја предупредува светската јавност за овој проблем, а со оглед на фактот што сметал дека се работи за  значаен општествен проблем, развил ефикасни методи и механизми за спречување на мобингот.

  1. Како се препознава мобингот?

 –Поради распространетоста на мобингот како појава, потребно е да се разгледува од неколку аспекти: психолошки, медицински, социолошки и правен аспект за да се предупреди на неговото значење. За жал, честопати жртвите не се ни свесни дека се мобирани, а поради големиот замав кој го зема оваа појава, потребно е да се споменат неколку главни обележја на мобингот, со цел жртвите да го препознаат. Генерално, разликуваме три типови на мобинг: хоризонтален мобинг, кој се одвива меѓу работници кои се со еднаква хиерархиска положба; вертикален мобинг, или мобинг кој се врши по хиерархија, на пример кога претпоставениот малтретира работник или цела група на работници, но и кога група на работници малтретира еден претпоставен и стратешки мобинг, кога се вршат структурни промени во фирмата или установата, претпоставените малтретираат одредени лица кои се непожелни за истите сами да дадат отказ на работното место.

Исто така, важно е да се напомене дека постојат неколку начини за спроведување на мобинг на работното место, а тоа се: скратување на можностите за соодветно комуницирање, односно кога на жртвата и се ограничуваат можностите за нормално  изразување од страна на претпоставениот или од страна на колега, и се обраќаат со висок тон и понижувачки гестови, скратување на можноста за одржување на социјални односи, каде жртвата постојано е изолирана, а секако и напад на авторитетот на личноста, квалитетот на работењето и напад на здравјето на личноста-жртва.

  1. Кои се последиците од мобинг на работното место?

Последиците од мобинг на работното место можеме да ги поделиме во неколку групи. Оттука, први на листата би ги споменала физичките пореметувања како што се константен замор, прекумерено слабеење или дебелеење, несоница, злоупотреба на алкохол, цигари и седативи.

Понатаму следат емоционалните пореметувања, како што се депресија, емоционална празнина, апатија, губење на мотивацијата итн.

Последни, но не и помалку важни се бихевиоралните симптоми како што се губењето на концентрација, агресивност, експлозивност, чувствителност, развод на брак, а во одредени случаи и самоубиство.

  1. Дали во литературата која се однесува на оваа област постои дефиниција за личноста која го врши мобингот на работното место?

 Личностите кои го вршат мобингот популарно се наречени мобисти или мобери. Во праксата најчесто мобистите се личности кои се несигурни, без самодоверба, а имаат желба да доминираат врз останатите работници и да бидат почитувани од околината. Во состојба на мобинг, мобистот се задоволува со чувството на повисок статус, без притоа да помисли за чувствата на жртвата.

Психолозите тврдат дека мобистите се лица со нарушена личност, а нивната неспособност ја лечат со докажување на моќта.

  1. Како мобингот е правно регулиран во Р.Македонија?

 –Синдикатите во Р.Македонија, по пат на анкетирање на анонимни испитаници, дојдоа до заклучок дека половината од испитаниците наведуваат дека се жртва на мобинг, а сепак, во судската практика на Р.Македонија, не беше забележана судска пресуда со која би се утврдило вршењето на мобинг. Од таа причина, на 31.05.2013 година, беше донесен Закон за заштита од вознемирување на работното место ( Сл. Весник на РМ бр.79/13), каде се уредени правата, обврските и одговорностите на работодавачите и вработените во врска со спречувањето на психичкото и половото вознемирување на работното место, мерките и постапката за заштита од вознемирување на работното место, но и други прашања кои се однесуваат на спречувањето и заштитата од вознемирување на работното место. Овој Закон не се применува само на работодавачите и вработените, туку и на кандидатите за вработување и лицата ангажирани со договори во работата кај работодавачот.

7. Дали постои и друг Закон, донесен во Р.Македонија каде е регулиран мобингот, односно вознемирувањето на работното место?

-Секако дека постои. Психичкото вознемирување на работното место како одредба е вметнато и во Законот за работни односи, во чл.9-а, каде се забранува секаков вид на психичко малтретирање на работното место. Исто така, би напоменала и за основните права и слободи на човекот, правото на безбедни и здрави услови за работа и правото на недискриминација кои се регулирани во Уставот на Р.Македонија, Законот за безбедност и здравје при работа, Законот за еднакви можности на мажите и жените, Законот за спречување и заштита од дискриминација и Кривичниот Законик на Р.Македонија.

  1. Каква е постапката за заштита од психичкото вознемирување на работното место?

 –Вработениот или лицето ангажирано со договор кое учествува во работата кај работодавачот, а кое смета дека е изложено на вознемирување на работното место, треба писмено да се обрати до лицето за кое смета дека го вознемирува и да му укаже на тоа дека неговото однесување е несоодветно и неприфатливо, се со цел спорната состојба да се реши без поведување на постапка за заштита од вознемирување на работното место.

Пред поднесување на тужба до надлежниот суд, вработениот може да поднесе писмено барање до работодавачот за заштита од вознемирување на работното место, најдоцна во рок од шест месеци од денот кога последен пат е извршено однесувањето кое претставува вознемирување на работното место. Доколку вработениот не е задоволен од исходот на постапката за заштита од вознемирување на работното место кај работодавачот, има законско право да поднесе тужба до надлежниот суд.

  1. Што може со тужбата да побара вработеното лице кое е вознемирувано на работното место?

 –Вработеното лице кое ќе ја поднесе тужбата, со истата може да побара: да се утврди дека претрпело вознемирување на работното место, забрана на вршење на однесувања кои претставуваат вознемирување на работно место, да се преземат дејствија заради остранување на последици од вознемирување на работното место и секако, надоместок на материјална и нематеријална штета причинета со вознемирувањето на работното место. Товарот на докажувањето дека немало конкретно однесување кое претставува вознемирување на работното место е на страна на тужениот.

  1. Дали во Законот за заштита од вознемирување на работното место се предвидени и санкции за работодавачот- правно лице?

 –Да, глоба во износ од 5.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе мѕ се изрече на работодавачот-правно лице, во случај ако: врши вознемирување на работното место и го злоупотребува правото на заштита од вознемирување на работното место, ако не ги преземе потребните превентивни мерки за заштита на вработениот од вознемирување на работното место и доколку не го запознае вработениот пред стапување на работа и вработените кои се во работен однос со забраната за вршење на вознемирување на работно место, обврските и одговорностите во врска со вршење на вознемирување на работно место, како и со начините на заштита.