Почетна / Интервју / Интервју со музикотерапевтот Христина Станојковска за нејзината необична и ретка професија во Р. Македонија

Интервју со музикотерапевтот Христина Станојковска за нејзината необична и ретка професија во Р. Македонија

Интервју со  музикотерапевтот Христина Станојковска   за нејзината необична и ретка професија во Р. Македонија.

За почеток Христина каде и како ја стекнавте оваа интересна професија, и секако каков е патот за да се дојде до оваа ретка професија во Македонија?

Дипломирав музикотерапија  во Франција на A.M.B Atelier de musicothérapie de Bourgogne во Дижон. По 2 годишни студии на музикологија на универзитетот на Франш Комте (UFR SLHS), се префрлам во А.М.В да изучувам музикотерапија. Каде што и стекнувам диплома по музикотерапија.   Три  години  студирав  на музикотерапија, имавме задолжителна пракса од 210 часа и стаж во времетраење од 6 месеци или 160 работни часа. Праксата требаше да се одвива во различни установи низ цела Франција, со различна популација на луѓе од деца до зрела годишна возраст. Во домен на едукација, реедукација, рехабилитација, педијатрија, геријатрија, психијатрија и сл.

Кога го спомнавте вашето стажирање каде, се стажиравте ?

Стажот по музикотерапија се одвиваше во Скопје во Здружение за развој, едукација и психолошко советување КРУГ-ПРО, под менторство на психологот Борјана Јанакиева Заева и супервизија од детскиот психијатар Филип Хаас (Philipp HAAS). Во овој центар креирав работилници по музикотерапија за индивидуална и групна работа со деца со посебни потреби. Инаку за време на моите студии во Франција, бев ученик и во Конзерваториумот на град Безансон, каде што учев да свирам виолина. Но исто така од инструменти свирам пијано, гитара и удирачки инструменти, а  имам  и големи вокални предиспозиции.

Дали освен сето ова студирате или можеби се дообразувате во некој од нашите Универзитети ?

Да, студирам на еден од најдобрите универзитети и во Македонија,  студирам  општа психологија на Меѓународен Славјански Универзитет Г.Р.Державин во Св. Николе.

Што е музикотерапија?

Музикотерапија е еден вид на не – вербална психотерапија која ги користи звукот, движењето/говорот на нашето тело за да се развие и зајакне релацијата помеѓу музикотерапевтот и клиентот/група клиенти, со цел да се подобри квалитетот на живеење. (Rolando O. Benenzon)

Примената на музикотерапија е многу широк поим благодарение на универзалниот јазик – музика.

Музикотерапија е систематски процес за подобрување на социо – емоционалниот контакт, рамнотежа и контакт со другите. Таа има една цел: „Да се помогне со помош на музиката, обнови, одржи и подобри физичкото и психичкото здравје на личноста“.

Според кои методи или техники се работи во музикотерапијата?

Во музикотерапија има два основни метода: 

Активна музикотерапија :Овој вид на метод се користи кај лица кои имаат потешкотии во изразувањето на нивните емоции и  рецептивна музикотерапија. Овој вид на метод се користи кај лица кои се во состојба да ги искажат нивните емоции. Но сепак овие два метода можат да донесат поефикасни резултати кога би биле искомбинирани.

Каква работа има музикотерапевтот? 

Музикотерапевтот врши еден вид на преглед со помош на музикотерапевтски прашалник (со цел да си направи еден вид на своја дијагностика за понатамошна работа со клиентот, но не дава дијагноза).  Може да работи со клиентот индивидуално или групно (во зависност од потребата на клиентот/клиентите).  Креира работилници. Преку активна или рецептивна музикотерапија се врши стимулирање на когнитивниот развој, вештини, емоции …

За што служи музикотерапија?

Служи за поддршка или реедукација за личностите кои имаат проблеми со комуникација или релација со опкружувањето, придонесува во олеснување на состојбите од аутистичен спектар и го подобрува развојот кај децата. Ја подобрува физичката и когнитивната активност, ја намалува анкциозноста и го подобрува разположението.

На кого може да му помогне музикотерапија?

Може да помогне кај: децата со развојни потешкотии, потешкотии во однесување, потешкотии во говор, сензорни нарушувања, физички или невролошки проблеми и лицата со посебни потреби.

Дали се учат музички способности со музикотерапија?

Клиентите за време на една сеанса можат да стекнат одредени техники, интонација и ритам. Музикотерапија не е замена за музичко образование.

Колку трае една сеанса по музикотерапија?

Една сеанса трае од 20 до 60 минути. Во зависност од потребите на клиентот/клиентите и целта на музикотерапевтот. 

Што се е потребно за една сеанса по музикотерапија?

Подготовка на просторија и материјал: се зема предвид бројот на учесниците и целта за нега.  Цел: музикотерапевтот внимателно ги набљудува клиентите, во едно и неговата психичка и физичка состојба која му овозможува да ја предвиди следната сеанса.  Избор на инструменти, сонорни /звучни медијатори, материјал: Музикотерапевтот го развива неговиот избор по познавање на личноста или групата, и во зависност од психопатолошките и музикалните референци. Исто така како главен инструмент се смета и нашиот глас. 

Како се одвива една сеанса?

Одвивање на една сеанса: За да се одвива една сеанса како што треба, музикотерапевтот користи конститутивни музички елементи (како што се ритам, звук, движење, хармонија…) и музика (слушање на музика) во зависност од темата, од проблемот, капацитетот и колкава е можноста за комуникација (вербална или невербална), психичка и интелектуална мобилност.

Сите оние кои сакаат и директно да се запознаат  со музикотерапијата ќе имаат можност да го направат тоа на работилницата која ќе се одржи на 15- ти Март во 12 часот во просториите на Општина Штип која е во организација на здружението Цивитас, Совет на млади и МСУ Г.Р. Державин.

За Мартин Ѓорѓиев - Штип

Можеби ќе ве интересира

ИНТЕРВЈУ СО ДРАГАНА ЛУКОВИЌ – РАБОТНИК ВО АДИЕНТ ШТИП

Адиент е новото име на Џонсон Контролс најголемата фирма во Штип, која непрекинато работи цели 5 …