CIVITAS
Интервју

Интервју со Доц. д-р Марија Котевска Димовска за примената на современата психологија во менаџментот на човечки ресурси

 Доц. д-р Марија Котевска  Димовска е доктор по менаџмент. Нејзина примарна професија е  психолог, дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје, потоа специјализирала гешталт психотерапија. Магистрирала 2000 г на ИСППИ ма менаџмент од областа на човечки ресурси на тема: „Професионална селекција со помош на психолошки тестови“, а  докторира во 2012 година на тема „Емоционалната интелигенција како фактор за ефективно водство“.  Во МСУ  работи нешто повеќе од 5 години. Покрај со научна дејност  се занимава со работи свразни со човечки ресурси, а работи и како експерт за човечки ресурси во АД ЕЛЕМ, активна е во  невладиниот сектор на проекти врзани за  промовирање на менталното здравје и потенцијалите на различни возрасни нивоа. Од 2012  година член е на управниот одбор на Македонска асоцијација на надарени и талентирани МАНТ, а редовен дописник е во списанија, гостин на телевизиски емисии и трибини на теми со психолошко-едукативен карактер сврзани со личниот раст и развој на потенцијалите, со посебен акцент на емоционалната и социјална интелигенција. Во ова интервју  говори за значењето на предметот менаџирањето  со  човечи ресурси, за искуствата од  работата со студентите на  МСУ  и за  тоа што е потребно за успех во работата како професор.

  1. Менаџирањето со човечките ресурси е релативно нов предмет кој за брзо време стана неизоставен дел од наставните програми на речиси сите институции. Што го прави толку значаен?

Станува збор за научна дисциплина која е неизоставен дел од наставните програми, а воедно  и базична тема на бројни книги, студии и публикации.  Во сите нив  се потенцира  значењето на менаџирањето со  човечките ресурси, како  процес на вработување, обука, мотивација, задржување и наградување на вработените, со цел да се создаде безбедна и правична средина за вработените од една страна, а од друга страна постигнување на стратешките цели на организацијата. Ова укажува дека управувањето со човечки ресурси претставува филозофија со која ефикасно се исполнуваат потребите на современите организации.

Она што го прави овој предмет толку значаен е растечката  важност на човечките ресурси во креирањето на стратешка и конкурентна предност.  Незамисливо  е да се има сериозен и  успешен бизнис без квалитетни  човечки ресурси, бидејќи успехот  на компанијата во пазарни услови го прават неговите вработени.  Значењето на човечките ресурси е во перманентен пораст,  се очекува дека во иднина тие ќе бидат клучен фактор за раст и развој на организациите од различни видови на активности, затоа мора да се вложува  во обука и развој на  сите негови потенцијали до максимум.

12804434_10205413681490748_1198114264_n

  1. Со кои вештини конкретно се стекнуваат студентите кои го слушаат овој предмет и каде можат да ги применат во нивната понатамошна работа?

Високообразовните институции во светот се ценат според квалитетот на кадрите кои ги создаваат,  а токму тоа го прави МСУ„Г. Р. Державин“ толку  атрактивен. Нашата одговорност како професори е огромна, бидејќи сме свесни дека на  студентите треба да им помагаме да го пронајдат својот пат и да се подготват за она што ги очекува по завршување на студиите. Во креирање на студиските програми ги земаме во предвид потребите и предлозите на нашите партнери од стопанството за нашите студенти да се образуваат според  нив, а по завршувањето да имаат услови за вработување.

Целта на овој предмет е, покрај базичните когнитивни знаења, студентите да  совладаат  што повеќе интерперсонални способности, кои ќе ги применат како идни менаџери или како специјалисти во секторите за човечки ресурси. За да се остварат приоритетите  – обезбедување, развој, задржување и наградување  вистинските  луѓе на вистински места, студентите  треба да се оспособат за спроведување на ефективна селекција, развивање, мотивирање и  комуницирање  со  вработените,  знаење  како да се поддржуваат тимови и тнт.   За успех во оваа професија, покрај професионалните компетенции,  неопходна е  посветеност и упорност, одговорен пристап кон  обврските, градење на коректни  односи,  силни морални принципи и  работа во согласност со правилата на струката.

12784504_10205413681930759_455030407_n

  1. Менаџирањето со човечките ресурси е материја која многу брзо се наметнува во светски рамки, со постојано воведување на нови сознанија. Кои новини ги воведувате вие во наставата? Користите ли некои иновативни техники при предавањата?

Оваа наука е  современа, таа и припаѓа  на сегашноста и уште повеќе на иднината,  кога  знаењето  и иновацијата ќе станат главни фактори на опстанок и развој. На пазарот на трудот се бараат професионалци, со се повеќе вештини и способности,  а фокусот на работа се префрла од физичка на интелектуална и психичка енергија на луѓето. За да се следи оваа современа материја, се трудиме да составиме флексибилни програми кои постојано се усовршуваат, во кои се застапени теоретски предавања и практични вежби за стекнување и надоградување на менаџерски вештини. Особено работиме на развој на социјалните и емоционалните компетенции, а  МСУ е  еден од ретките универзитети  кој меѓу првите  имплементира програми за развој на  овие специфични  вештини  кај студентите – идните менаџери. Тие  вклучуваат интерактивни техники на ангажирано поучување кое помага за развој на  креативноста, иновативноста, мотивираноста, самодовербата, комуникативноста,  асертивноста и други  компетенции кај студентите, што  го прават овој предмет различен  од другите.  За развој на овие вештини особено ми помага мојата специјализација за гешталт терапија за личен раст и за развој на потенцијалите.

  1. Иако станува збор за доминантно економска материја,  сепак не може да се апстрахира од другите  науки.  Со која има најтесна врска?

Системот  на знаење на оваа  научна дисциплина  е составен од голем број на потсистеми на знаења, принципи и методи на други релевантни дисциплини. Како најважни можат да се истакнат: економијата, психологијата,  правото, социологијата, медицина на трудот, ергономијата, педагогијата и други.  Психологијата нуди  корисни  сознанија од повеќе нејзини области: социјалната, педагошката и образовната, а најтесна е врската со  индустриската  и  организациска психологија, кои  го проучуваат однесувањето на поединци и групи во формална организациска средина. Некои од темите  организациската психологија, како мерливоста на  позитивните способности и вештини на вработените и  карактеристики кои може да се развиваат и подобруваат, наоѓаат комплетна примена во менаџментот на човечки ресурси. Накратко, индустриската и организациската психологија се активен и продуктивен партиципиент во холистичкиот пристап на современиот менаџмент во сите негови активности и функции.

  1. Вие примарно сте психолог. Каде можат да се искористат психолошките сознанија во менаџирањето со човечките ресурси?

Мојата примарна професија како психолог ми е од голема помош во  збогатување и облагородување  на предавањата  на оваа, и така,  интересна материја. Современите теории на позитивната психологија, базирани на емпириски истражувања, идентификуваат нова парадигма преку концептот само-ефикасност, која вклучува  субјективни  димензии како: самодоверба, флексибилност, среќа,  оптимизам, надеж и емпатија.  Импликациите и влијанијата на оваа структура го проширија арсеналот  на менаџментот и економијата со нови концепти: психолошки, човечки и  социјален  капитал, конструкти  кои имаат најголема примена токму во менаџирањето со човечките ресурси и се основа за успехот на секој поединец и организација. Други содржини од психологијата, кои наоѓаат значајна примена во менаџирањето со човечки ресурси се едуцирање на студентите за  пристапите за  постигнување задоволство од работата, мотивациони техники  за промена и развој, менаџирање со стресот на работно место, практикување  ефективни лидерски стилови и сл. Врвно  постигнување на овој креативен спој  е интеграција  на темелните вредности на двете науки: менаџерската и хуманата, или  како  организациската  ефикасност да не го исклучува, туку да го подобрува  задоволството и само реализацијата  на сите членови на организацијата.

6.За крај, кои особини треба да ги има еден моќен, способен и успешен лидер на тим?

Многу менаџери  станале  успешни во  големи компании, но не станале  големи водачи, односно лидери.  Водач  не се станува преку ноќ, тоа е  тековен процес на личен, емоционален, социјален и професионален  развој. Често прашање е  дали постои формула себе си или  другите да ги претвориме  во големи лидери? Се разбира, постои, но  мора да се има на ум дека талентот и  мотивацијата се потребни, но не и доволни за долгорочен успех. Неопходно е да се инвестира многу работа и напор. Постојат четири категории на  компетенции кои треба да се совладаат, со цел да стане успешен водач. Првата е самосвеста –  што значи да сте  свесни за своите предности, слабости и вредности. Јаките страни и предностите треба  да се негуваат и  развиваат, а слабостите  да се надминуваат.   Следната е: почитувајте ги и сакајте ги своите соработници! Треба да се  изгради позитивен и прифаќачки  став кон себе и тоа да се  пренесува кон околината. Третата е во карактерните доблести. Мора да бидете храбри, чесни и достојни за доверба  –  подготвени да ризикувате,  а   со својата амбиција и храброст да ги охрабрувате своите следбеници. И четврта, но еднаква по  важност,  е секако професионалноста и креативноста – склоност кон иновации, адаптирање и прифаќање на промени. Овие се четирите основни вредности на лидерството.

Related posts

Интервју со асс. м-р Мартин Савевски околу штетното влијание на радиоактивното зрачење и нуклеарниот отпад врз човекот и животната средина

ИНТЕРВЈУ СО ТАМАРА ДОНЕВСКА КАРАТИСТ ВО КК-ПАРТИЗАН ШТИП

Интервју со проф.д-р Саша Митрев – ректор на Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип