Интервју со асс м-р Мартин Ѓорѓиев за ЕКОНОМСКАТА ДИМЕНЗИЈА НА БЕЗБЕДНОСТА И ЗДРАВЈЕТО ПРИ РАБОТА

Безбедноста и здравјето при работа е концепт од понов датум кој несомнено влијае врз профитабилноста на компаниите. За неговата економска димензија разговаравме со асс. м-р Мартин Ѓорѓиев при Меѓународниот Славјански Универзитет  “ Г.Р. Державин” Свети Николе – Битола.

Каква е улогата и значењето на безбедноста и здравјето при работа?

Безбедноста и здравјето при работа подразбира создавање на услови за работа во кои се преземаат мерки и активности кои имаат за цел заштита на животот и здравјето на вработените и другите лица кои на тоа имаат право. Во интерес на општеството, на сите деловни субјекти и на секој поединец е да се создаде највисоко ниво на безбедност и здравје при работа за да се сведат на најмала можна мерка несаканите последици како што се повреда на работа, професионални болести и болести поврзани со работното место.

Што подразбира економска димензија на безбедноста и здравјето при работа?

Економската димензија на безбедноста и здравјето при работа се однесува на последиците од повредите на работа, професионалните и другите болести и се искажува преку одредени финансиски показатели кои зависат од бројот и тежината на таквите случаи. Настанувањето на повредите на работа и професионалните болести е следено со создавање на трошоци, бидејќи работникот отсуствува од работа, има прекин или намалување на производството, а не е исклучена можноста од дефект или хаварија на работната опрема, средствата за работа и работната средина. Во тој случај се издвојуваат средства за лечење на работникот, надомест на неговата заработувачка и други трошоци кои се на товар на работодавачот и фондот за социјално осигурување. Тоа значи дека безбедноста и здравјето при работа влијае на продуктивноста и економичноста на работењето на претпријатието затоа од особена важноста е во рамките на претпријатието безбедноста и здравјето при работа да биде што е можно поефикасна. Важноста на безбедноста и здравјето при работа за профитабилноста на компаниите е тема на која дискутираме со менаџментот при самите посети на компаниите кои ги реализираме за време на практичните вежби на студентите на Факултетот за безбедносно инженерство.

13083116_1181308528546558_5158851876636223441_n

Дали средствата вложени во безбедност и здравје на работниците се трошок или инвестиција за работодавачот?

Работодавецот треба да знае дека средствата вложени во осигурувањето на здрави и безбедни услови за работа се инвестиција. Од степенот на безбедност зависи работната и здравствената способност на вработените а со тоа и продуктивноста на претпријатието. Истовремено со добра заштита на здравјето на работниците и намалувањето на бројот на повреди на работа, професионални и други болести се намалува и оптеретувањето на фондовите за социјално осигурување.

Подобрувањето на безбедноста и здравјето при работа може да донесе економски придобивки за компаниите, работниците и општеството. Од она што го забележуваме при посетите со студентите, особено кај помалите компании, кои сметаат дека мерките преземени за здрава и безбедна работна средина се дополнително финансиско оптеретување за компанијата, посебно од аспект на вработување на стручни кадри од оваа област, ќе биде тешко да се убедат за профитабилноста која произлегува од примената на мерки за безбедност и здравје при работа. Сепак, информациите и перцепциите за идните ефекти од одлуките, по можност изразени во монетарна смисла, можат да им помогнат на работодавците во процесот на донесување одлуки поврзани со имплементирањето на мерки за безбедност и здравје при работа.

12112088_10204697817196974_1338655916692016321_n

Кои се тие информации кои би го олесниле донесувањето на одлуките за воведување на стандардите за безбедност и здравје при работа, кои треба да ги знаат работодавачите?

Работодавачите треба да знаат дека:

  1. ако во деловниот субјект работниците се здрави, тогаш тие се и по попродуктивни и може да произведат повисок квалитет;
  2. доколку на работното место има помалку несреќи и болести поврзани со работа тоа доведува до помалку боледувања што на крај од економски аспект резултира со пониски трошоци и помалку нарушување на производните процеси;
  3. опремата и работната средина, која е оптимизирана за потребите на работниот процес и кон способностите на работникот и кои се одржуваат соодветно според план за одржување на истата водат кон поголема продуктивност, подобар квалитет и помалку здравствени и безбедносни ризици.

Дали сметате дека создавањето и одржувањето на здрава и безбедна работна средина во функција на профитабилност на компанијата е одговорност само на работодавачот?

Соработката на полето за безбедност и здравје при работа помеѓу менаџментот и работниците или нивните претставници на работното место претставува суштински елемент во одржувањето на здрава работна средина. Бидејќи несреќите и повредите при работа се случуваат на поединечното работно место, работодавачите, менаџерите и засегнатите работници треба заеднички да планираат и да започнат превентивни и контролни мерки во рамките на претпријатието. Учеството во политиката на безбедност и здравје при работа е основно право на работниците, а исто така и нивна должност. Работодавачите имаат различни обврски во однос на обезбедување на безбедно и здраво работно место, а работниците треба во текот на извршувањето на своите задачи, да соработуваат за да им овозможат на своите работодавачи да ги исполнат овие обврски. Исто така со работодавците на полето на безбедност и здравје при работа треба да соработуваат и претставниците за безбедност и здравје при работа на вработените. Значи, менаџерите, стручните лица и работниците треба да бидат обучени за безбедно извршување на своите работни обврски.

12087994_10204697819957043_5946149095337660085_n

За крај, што ќе им препорачате на компаниите?

Пораката е јасна: добар систем на безбедност и заштита при работа придонесува за подобар финансиски резултат на компаниите. Деловните субјекти во своите краткорочни и долгорочни деловни планови треба да ги вклучат и плановите за безбедно извршување на работните задачи и да ја подигнат свеста на клучните носители на одлуки во рамките на организацијата за важноста од безбедноста и здравјето при работа.

Очекуваме имплементацијата на стандардите за безбедност и здравје при работа да се одвива постепено паралелно со измените на Законот за безбедност и здравје при работа, кој меѓудругото отвара можности и за вработување на нашите идни инженери за безбедност при работа, кои во моментот ги продуцира Факултетот за безбедносно инженерство при МСУ Г.Р. Державин, единствен во Р. Македонија од ваков вид.

12112069_10204697818517007_2130715464409932670_n