CIVITAS
Интервју

Интервју со асс. м-р Марија Гроздановска за улогата и значењето на безбедноста и здравјето при работа во современото општество

Безбедноста и здравјето при работа се едни од најценетите индивидуални и општествени вредности. Нема ништо повредно од животот на човекот, од борбата за обезбедување на здрави и безбедни услови за работа во една нормална животна средина. Безбедноста и здравјето при работа се од голема важност, не само овде во Македонија, туку и во сите земји во светот. Секој ден, стотици вработени одат на работа наутро, но на крајот од денот нема да се вратат во своите домови. Многу од овие животи би можеле да се спасат ако ризиците се предвидуваат и ригорозно се спроведуваат разумни безбедносни мерки. Често се зборува дека „подобро е да се спречи отколку да се лечи“ и ова важи повеќе отколку порано во промоцијата на безбедни и здрави работни места. Токму поради овие причини поразговараме со асс. м-р Марија Гроздановска.

  1. Што се подразбира под поимот безбедност и здравје при работа?

Под поимот безбедност и здравје при работа се подразбира склоп на техника, физика, медицина, организација, хемија и сл., односнотоа е мултидисциплинарно подрачје во кое постојат голем број на прописи кои се однесуваат на специфични дејности и процеси на трудот. Безбедноста и здравјето при работаподразбира создавање на услови за работа, во кои се преземаат мерки и активности, со цел заштита на животот и здравјето на вработените.

  1. Која е целта на безбедноста и здравјето при работа?

Основна цел на безбедноста и здравјето при работа е во склад со законот и другите прописи од оваа област, да се постигне највисоко ниво на здравствена и психо – физичка заштита на сите вработени лица.

Во таа насока, од учебната 2012/2013 година, во рамките на МСУ „Гаврило РомановичДержавин“ Св. Николе – Битола, РМ, започна со работа факултетот за безбедносно инженерство, како прв и единствен факултет од ваков вид во нашата држава, каде студентите се оспособуваат за примена на научни и стручни достигнувања во областа на безбедноста и здравјето при работа и заштитата од пожари, со цел обезбедување на повисоко ниво на заштита на работниците при работа и заштита од пожари, а секако и поефикасно и поуспешно имплементирање на европското законодавство, нормите и стандардите на Европската Унија, Меѓународната организација нa трудот и Светската здравствена организација.

11178591_698317533613939_1028243779_n

  1. За кои лица е потребно да се обезбеди безбедност и здравје при работа?

Секој од нас при работењето е соочен со бројни ризици по здравјето. Нездрави или небезбедни работни услови има насекаде, независно каде се наоѓа работното место (на отворено – земјоделство, во затворено – фабрика, канцеларија, под земја, над земја итн.), па затоа е неопходно да се обезбеди безбедност и здравје при работа за секој вработен, без оглед дали тој работи во јавен или приватен сектор, како и без оглед на тоа колку на прв поглед неговото работно место изгледа неопасно.

  1. Поради кои причини еден работодавач воведува мерки за безбедност и здравје при работа?

Главни причини кои го мотивираат работодавачот да му придава примерно внимание на безбедноста и здравјето при работа се: законодавството, етичките и економските причини, задоволството на вработените, угледот на организацијата и др. Вложувањето во безбедноста и заштитата при работа е многу важно и не претставува трошок, туку инвестиција која ќе се врати во компанијата, ќе придонесе за зголемување на нејзината продуктивност и конкурентност во делот на работната сила. Инвестициите во безбедноста на работниците се добри инвестиции. Според Ерки Ирјанеики (експерт од Финска) на секое евро вложено во безбедноста и здравјето на работниците се враќаат од три до седум евра.

11182240_976797995664280_1871989523135579545_n

  1. Дали работниците се должни да учествуваат во обезбедување на безбедни и здрави услови за работа?

Секако дека одговорот на ова прашање е потврден. Работниците се само една од алките во синџирот за обезбедување на безбедност и здравје при работа. Тие се должни: да се грижат за својата безбедност и безбедноста на другите лица кои може да бидат засегнати со нивните постапувања или пропусти; да ги почитуваат инструкциите и мерките за безбедност и здравје при работа; правилно да ги користат безбедносните уреди и заштитна опрема; навремено да ги известуваат своите претставници за сите ситуации за кои тие веруваат дека би можеле да претставуваат опасност и кои тие не би можеле да ги поправат самите; да знаат за опасностите на работното место кои може да влијаат врз нивното здравје и безбедност итн.

  1. Каква е состојбата во областа на безбедноста и здравјето при работа во земјите од Европската Унија и светот?

Во земјите на Европската Унија на секои 3,5 минути умира по еден работник поради причини што се поврзани со работата. Тоа значи дека секоја година умираат 159 500 работници поради професионални болести и дополнително уште 7500 поради повреди на работа. Годишно се регистрираат околу 7 милиони повреди на работа, што значи дека 3,2% од работничката популација во ЕУ се повредува во текот на една година.

Според податоци на Меѓународната организација на трудот, во светски рамки на секои 15 секунди, работник умира од несреќа или болест поврзана со работата и на секои 15 секунди, 160 работници доживуваат несреќа поврзана со работата.Во светот секој ден умираат 6300 луѓе како резултат на несреќи или болести поврзани со работата – тоа се повеќе од 2,3 милиони смртни случаи во текот на годината. Околу 1,7 милиони од овие смртни случаи се поради професионални болести и околу 350000 поради повреди на работа. Годишно, 317 милиони несреќи се случуваат на работа; многу од овие резултираат со продолжени отсуства од работа, и се регистрираат 160 милиони случаи на професионални заболувања.

  1. Дали во Република Македонијапостојат позитивни прописи кои се однесуваат на безбедноста и здравјето при работа?

Да, во 2007 година е донесен Закон за безбедност и здравје при работа. Ова е нов, современ закон во целост усогласен со директивите на Европската Унија и Конвенциите на Меѓународната организација на трудот. Покрај овој закон одредби кои се однесуваат на безбедноста и здравјето при работа се содржани и во следниве закони: Закон за работните односи; Закон за здравствена заштита;Закон за здравствено осигурување; Закон за пензиско и инвалидско осигурување;Закон за заштита од вознемирување на работно место; Закон за евиденција од областа на трудот; Закон за инспекција на трудот.Врз основа на Законот за безбедност и здравје при работа се донесени и низа подзаконски акти – правилници. А, исто така и во склад со тенденцијата за хармонизација на македонското законодавство со легислативата на ЕУ во РМ се донесени и низа подзаконски акти – правилници кои произлегуваат од усогласување на националното законодавство со европската легислатива.

  1. Каква е состојбата во областа на безбедноста и здравјето при работа во Република Македонија?

Во РМ постои загрижувачка состојба во областа на безбедноста и здравјето на работниците при работа. Според статистичките податоци од државниот инспекторат за труд за 2010, 2011, 2012 и 2013 година се забележува дека бројот на телесни повреди расте, па така ако во 2010г. имало 625 повреди на работа, тој број во 2011г. изнесувал 786, во 2012г. изнесувал 1446, а во 2013г. тој број малку опаднал и изнесувал 1338 повреди на работа. Кај колективните повредите, исто така се забележува зголемување на годишно ниво, па така, се забележуваат 4 колективни повреди на работа во 2010г., 2 во 2011г., 5 во 2012г. и дури 9 во 2013 година.Како и кај претходните податоци, исто така и кај податоците за смртни случаи на работно место се забележува континуиран пораст на бројот на смртни случаи на годишно ниво, односно во 2010г. и во 2011г. имало по 12 смртни случаи на работно место, во 2012г. имало 13, и во 2013 година е евидентиран пораст на бројот на смртни случаи на работно место на 16 лица.

11160221_698317326947293_1965573684_n

  1. За крај, што би требало во иднина да се преземе со цел да се постигне подобра состојба во областа на безбедноста и здравјето при работа во Република Македонија?

И во Република Македонија како и во секоја земја во светот има потреба од подобрување на  условите за безбедност и здравје на работно место. Во таа насока треба да се преземат мерки за спречување на опасностите при работа, подобрување на здравјето и промовирање на култура ориентирана кон безбедност и здравје при работа. Таквите мерки вклучуваат унапредување на здравјето, едукација и обука за безбедност и здравје при работа, при што голем придонес може да дадат граѓанските организации како двигатели на граѓаните во едно современо демократско општество.

11119390_698318843613808_1244746464_n

Related posts

Интервју со Асс. Ерика Пешкоска за присутноста на бесплатната правна помош во секојдневната практика

Интервју со музикотерапевтот Христина Станојковска за нејзината необична и ретка професија во Р. Македонија

Интервју со М-р Павлина Николовска за функицјата на социјалениот педагог и неговата улога во општеството