Интервју со Асс. м-р Ерика Пешкоска за слободата и правата на човекот низ правната призма

0
4849

За тоа колку воопшто човекот  ја познава слободата како лично и суштествено право, што означува поимот на слобода во правната материја, и тоа подробно во останатите гранки на правото како казнената, цивилната, ја интервјуиравме Асс.М-р- Ерика Пешкоска, на Правен Факултет при МСУ-,,Гаврило Романович- Державин“- одд.Битола, воедно и докторант на правни науки од меѓународната цивилна област.

  1. Што означува поимот на слобода воопшто ?

Животот и телесниот интегритет претставуваат основни човекови вредности, затоа што целокупните општествени односи се засновани врз односите помеѓу луѓето. Зеднички објект на заштита кај сите казнени дела против слободата е животот и телото на човекот, неговата слобода, правото на слобода на одлучување, движење и друго. Поимот слобода, изразува определен облик на некое право, и тоа таков облик што по обем на самостојност  и индивидуалност  на човекот во неговото остварување и почитување, стои на повисоко рамниште. Истовремено, секое право претставува определен облик и степен на слобода. Основните слободи и права на човекот и граѓанинот во нашето општество се кренати на ранг на уставна категорија. Основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот не случајно се посочени како прво начело слободите и правата дека се основни критериуми за положбата и улогата на човекот и граѓанинот во едно општество.

  1. Во однос на човекот како битие, како се дефинира слободата ?

Видете, како што претходно напоменавме, поимот на слобода и самото нејзино дејствување е нераскинливо во секој сегмент од животот, давајќи акцент на човековото битие. Слободата отсекогаш во суштина се состоела од правото да го избереш она што сакаш да го избереш бидејќи така си одлучил да избереш, неприсилен, немалтретиран, непроголтан од масивен бирократски систем како и од правото да пружиш отпор, да бидеш непопуларен, да застанеш зад своите уверувања само затоа што се твои уверувања. Така изгледа вистинската слобода, и без неа не може да има ниту слобода од било каков вид, ниту пак илузија на слобода. Од самото ова се констатира дека слободата е право на избор, но да не го занемариме фактот дека слободата секогаш мора да е во согласнот и границите на моралот, етиката, кодексот. 

  1. Како дејствува и се дефинира слободата во правната област ?

Прашање на кое читателите на ,,Цивитас,, 1 месец би ги анализирале и читале одговорите J. Во правниот сегмент слободата е таа која во било која правна материја претставува насока од која поимно се поаѓа за било кое понатамошно дефинирање, анализирање, толкување. На што мислам кога го кажувам ова, во законските битија на некои дела, во прв ред значи посегање по тие права, спротивно на волјата на тие права. Тие се составен дел од историјата на едно општество и истите претставуваат средство и мерка за ограничување на власта и оневозможување на злоупотребата и арбитрарноста на власта неколку битни декларации, петиции и повелби се донесени во минатото, каде истите се однесуваат на гаранцијата на човековите права и слободи, кои претставуваат извор за сите понатамошни акти, кои се донесуваат од оваа област. Како најважни и најсуштински ќе ги споменеме следниве:  –Голема повелба на слободите од 1215 година.

Петиција за правата од 1628 година, –Hobeus corpus act od 1679. Аналогно на ова доаѓаме до една констатација дека поимното определување, како и дејствувањето на слободата влечи поодамнешни корени во делот на правната материја.

  1. Објаснете ни за поимот на слобода, загарантиран со Уставот на Република Македонија!

Коментирајќи за слободата согласно Уставот на Република Македонија, се увидува дека ја втемелува концепцијата за права и слободи врз граѓанско либералниот концепт. Во секој еден сегмент слободата, нејзините права, нејзините облици како слобода на попречување, лишење од слобода, ја даваат суштината за оа како треба истата да биде почитувана, да биде дефинирана и разбрана онака како е наведена, без оглед за кој сегмент или од кој аспект се разгледува и се дефинира. Во нашата држава поимот на слободата е загарантирано право со Уставот на Република Македонија. Поимот на слобода согласно Уставот на Република Македонија, се дефинира дека: слободата на човекот е неприкосновена, никому не може да му биде ограничена, исто така се наведува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата и тоа независно од полот, расата, бојата на кожата, нивното национално социјално, политичко или верско уверување, и имотната и општествена положба, и согласно Уставот на Република Македонија граѓаните се еднакви како пред Уставот, ака и пред Законите, и соглансо Уставот се забранува секој облик на мачење, нечовечко постапување, како и лишење од слобода, под закана, присилба и друго.

  1. Што подразбира слободата како поим во казнено-правната материја ?

 Една од правните области каде секоја правна гранка има поврзаност и широк спектар на правни анализи е казнената материја во правото. Мошне интересна поврзаност на казнената материја и слободата, а во одредени случаеви и контрадикторна. Контрадикторноста е толку уочлива во делот на издржување на казна, или препишување на санкција, бидејќи до одреден степен се одзема слободата на сторителот, слободата на дејствување, слобода на движење, а притоа сето тоа мора да е во согласност со човековите слободи и права. Од друга страна пак, мора да се има во предвид фактот, дека преширокиот обем на казнено-правна заштита на слободите и правата, може да значи истовремено упад во истите. Сето ова налага, казнено-правната заштита на слободите и правата да биде проследена со нужна мерка, кога нивната повреда и злоупотреба , не можат да бидат попречени со други неказнени средства. Една посебна карактеристика кај делот од личните права, е тоа што слободата на поединецот не е апсолутна, ниту пак константна големина, туку повеќе како стремеж , зад кој стојат дури и различни социјални поставки ( поголема слобода за еден да води кон поголема неслобода за друг). Овде се работи за стриктно персонални слободи и права, па во сегментот на нивното почитување е вклучена и слободата за откажувањето од нив. Оттука, посебна улога кај овие дела има согласноста на жртвата, како основа за исклучување на противправноста. Истакнатиот елемент на ,,неовластеност,, , ,,противправност,, , и сл. во законските битија на некои дела, во прв ред значи посегање по тие права, спротивно на волјата на тие права.

  1. Кои се најчестите акти и дејствувања, каде доаѓа до злоупотреба и непочитување на основните слободи и права ?

Да акцентираме дека не секогаш ограничувањето или лишењето од слобода претставува злоупотреба и непочитување на слободите и права. Едни од најчестите акти и дејствувања кои ја загрозуваат и ограничуваат слободата се вклучуваат присилбата, заканата, силата, уцената. Би дала осврт на присилбата која претставува средство кое се јавува во чинот на извршување на казненото дело грабнување, ги опфаќа поимите на слободата, како и слободата на волјата, слободата на формирање на волја и слобода на делување. Притоа постапката на присилбата како средство за извршување на чинот на лишење од слобода е еден вид на елементарен облик на присилно влијание при формирањето на волјата и самото слободно вољво однесување. Тоа означува дека при лишењето од слобода, се постапува спротивно на волјата на жртвата, спротивно на нејзиното однесување  и постапување.

Заканата како механизам при извршувањето на чинот лишење од слобода и при самото сторување на казнено дело грабнување, се јавува уште како и средство за присилба, овој механизам се состои во тоа да злото кое се применува или ќе биде применето од страна на сторителот, а истото како средство при извршување на чинот лишење од слобода зависи од тоа дали барањето под закана поставено и наложено од страна на сторителот, жртвата би го прифатила или би го реализирала, и дали истата ќе постапи во волјата на сторителот.

Силата како механизам кој се користи се определува на начин што ја индицира противправноста на одземањето или ограничувањето на слободата на волјата на жртвата, и претставува еден вид зафат во слободата на одлучување или делување со тоа што таа ќе постави пречки, во формирањето на волјата, или во волјата на жртвата и спроведување на истата. Силата како средство за примена за извршување на чинот лишење на слобода, се сотои во физичко делување, поради тоа што совладувањето се очекува до страна на жртвата, и истата да пружи отпор.

  1. За крај што би им порачале на читателите на ЦИВИТАС ?

Најпрвин да Ви се заблагодарам за поканата, ми е драго што веќе интервјуата преминуваат во традиција, секоја година. Исто така би сакала да Ве пофалам како сајт кој се залага да на мошне лесен начин луѓето-читателите да се запознаат со своите права, и тоа од повеќе сегменти од секојдневниот живот. Како порака им оставила да на секој можен начин најпрвин да се запознаат со своите загарантирани права и слободи, како и да ги имплементираат и бараат своите права доколку сметаат дека се нарушени или ограничени. Да потенцираме дека поимот на слобода воопшто има многу повеќе за дискусија, независно дали се работи за слобода на дејствување, слобода на говор, слобода на движење…, сепак сметам дека е доволно за да се разбере суштината воопшто.