Почетна / Вести / Здружението ,,Цивитас” го одбележи светскиот ден на аутизмот

Здружението ,,Цивитас” го одбележи светскиот ден на аутизмот

Денес здружението ,,Цивитас” низ централното градско подрачје го одбележи денот на аутизмот со закачување на сини панделки и делење  брошури со цел подигање на јавната свест за овие категории на лица. Истотака оваа прилика членовите  ја искористија  за  делење  флаери за донациски броеви за лекувањето на Иван Стојанов во Кина.

Еве го во прилог текстот од брошурите кои беа под наслов ,, Десет работи што секое дете со аутизам посакува да ги знаете”.

  1. Најпрвин, јас сум дете. Аутизмот е само еден аспект од мојот карактер. Аутизмот не ме дефинира мене како личност. Дали сте вие личност со мисли, чувства и многубројни таленти, или сте само дебели (со прекумерна тежина), кратковиди (носите очила) или несмасни (некоординирани, и спортовите баш и не ви одат)? Можеби тоа се работите кои јас ги забележувам на прв поглед кога ве запознавам, но не мора да значи дека тие ве опишуваат како личност.

Како возрасна личност, вие имате одредена контрола на тоа како се дефинирате. Ако сакате да издвоите одредена карактеристика, вие можете да го изразите тоа. Како дете, јас сѐ уште се развивам. Ниту јас, ниту вие сѐ уште не знаеме за што ќе бидам способно. Ако ме дефинирате според една карактеристика, постои опасност дека ќе поставите очекувања кои можеби ќе бидат прениски. И ако јас добијам идеа дека вие сметате дека „јас не можам да го направам тоа“, мојата природна реакција ќе биде: Зошто тогаш да се обидувам?

  1. Мојата сензорна перцепција е нарушена. Сензорната интеграција можеби е најтешко сфатливиот аспект од аутизмот, но веројатно најбитниот. Тоа значи дека вообичаените секојдневни глетки, звуци, миризби, вкусови и допири кои вие можеби и не ги забележувате, за мене може да претставуваат навистина болно искуство. Самата средина во која морам да живеам често ми изгледа непријателска. Можеби вам ви изгледам повлечено или непријателски настроено, но јас само се обидувам да се заштитам себе си. Еве зошто едно „едноставно“ одење во продавница за мене може да претставува пекол:

Мојот слух може да е хиперакутен. Десетина луѓе зборуваат истовремено. На звучникот ги кажуваат понудите на денот. Во позадина брмчи музика од музичкиот систем. Касата бипка и кашла, машината за мелење кафе бревта. Машината за сечење месо чкрипи, бебиња плачат, количките за пазарење крцкаат, неонките брмчат. Мојот мозок не може да го исфилтрира целиот тој инпут и тоа за мене претставува преголем товар.

Моето сетило за мирис може да е премногу осетливо. Рибата што ја продаваат во одделот за месо и не е баш свежа, човекот кој стои до нас очигледно не се истуширал денес, се дегустираат колбаси, бебето кое е пред нас во редот се покакало, кај третиот рафт бришат кисели крастевички од подот со некое средство за чистење. . . Јас не можам да ги поднесам сите тие миризби. Многу ми се лоши.

Поради тоа што сум визуелно ориентирана личност (прочитајте повеќе околу тоа подолу), видот може да ми биде првото сетило кое ќе биде преоптеретено од сите тие дразби.  Неонките не само што се премногу светли, туку и зујат и брмчат. Ми се чини дека собата трепери и тоа ми пречи на очите. Треперливото светло се одбива од се и ми ја озобличува перцепцијата – ми се чини како просторот постојано да се менува. Тука е и блесокот од прозорците, премногу предмети за да можам да се сконцентрирам (можеби тоа ќе го надоместам со гледање како низ тунел – губење на периферниот вид),  вентилаторите вртат, толку многу предмети кои се во постојано движење.  Сето ова влијае врз моето вестибуларно сетило  и  моето проприоцепторно сетило, и сега не можам ниту да сфатам каде се наоѓа моето сопствено тело во просторот кој ме опкружува.

  1. Запаметете ја разликата помеѓу нема да (одбирам да не го правам тоа) и не можам (не сум способен да го направам тоа). 

Рецептивниот и експресивниот говор , како и фондот на зборови се голем предизвик за мене. Не дека не ги слушам инструкциите. Работата е што не можам да ве разберам. Кога ме викате од другиот крај на собата, еве што слушам јас: „*&^%$#@, Били. #$%^*&^%$&*“. . .„Наместо да го правите тоа, доближете ми се и обратете ми се со едноставни зборови: „Били, те молам стави ја книгата на масата. Време е за ручек.“ На тој начин јас ќе знам што сакате да направам и што ќе се случува потоа. На тој начин многу ќе ми биде полесно да соработувам.

  1. Јас размислувам многу конкретно. Тоа значи дека говорот го интерпретирам многу буквално. Мене многу ме збунува кога ќе кажете: „Полека малку! Не си на трка!“ а со тоа сакате да ми кажете „Те молам престани да трчаш.“ Не ми кажувајте фрази како „просто како грав “, кога на повидок нема јадење и вие всушност сакате да ми кажете дека „тоа е едноставно да се направи“. Кога ќе кажете „Џејми ги запали патиките!“, јас си замислувам дете кое си игра со кибритчиња. Едноставно кажете ми „Џејми почна да трча“.

Не сфаќам идиоми, игри на зборови, нијанси, двосмислени зборови, метафори, загатки и сарказам.

  1. Бидете трпеливи со мојот ограничен фонд на зборови. Тешко ми е да ви објаснам што ми треба кога не знам да опишам со зборови што чувствувам. Можеби сум гладно, незадоволно, исплашено или збунето, но во моментов тие зборови се надвор од моите можности на изразување. Внимавајте на телесниот говор, повлекување наназад, вознемиреност или други знаци кои укажуваат дека нешто не е во ред.

Или, пак, постои и обратна страна: Може да ви звучам како еден „мал сезнајко“ или како филмска ѕвезда додека мрмлам зборови или цели сценарија кои не се вообичаени за мојата ментална возраст. Тоа се пораки или фрази од секојдневниот живот кои сум ги запаметил за да надоместам за моите недостатоци во говорот бидејќи знам дека кога ми се обраќате вие очекувате одговор од мене. Тие може да потекнуваат од книги, од телевизија или од говорот на други лица. Тоа се нарекува „ехолалија“. Тоа не мора да значи дека јас го разбирам контекстот на терминологијата која ја користам. Само знам дека тоа ми помага да се извлечам кога треба да одговорам на нешто.

  1. Поради тоа што говорот не ми оди толку добро, јас сум ориентиран кон визуелното. Наместо да ми објаснувате со зборови, подобро покажете ми како нешто треба да се направи. И бидете подготвени да ми покажете повеќе пати. Ако постојано ми ги повторувате работите, тоа ќе ми помогне да научам.

Визуелен распоред многу ќе ми помогне во активностите во текот на денот. Слично на вашите планери, визуелниот распоред ќе ме ослободи од стресот да не заборавам што следи, ќе ми овозможи полесно да преминувам од една на друга активност, ќе ми помогне да си го распоредам времето и да ги исполнам вашите очекувања.

Визуелниот распоред ќе ми биде потребен и кога ќе пораснам, само што „нивото на прикажување“ може да се промени. Додека сѐ уште не знам да читам, мене ми е потребен визуелен распоред со фотографии или едноставни цртежи. Како што растам, одредена комбинација од зборови и слики ќе биде доволна, а подоцна и само зборови.

  1. Фокусирајте се на она што можам да го направам, а не на она што не можам, и истото надоградувајте го. Како и сите други луѓе, така и јас не можам да учам во средина каде луѓето постојано прават да се чувствувам како да не сум доволно добар, како да ми треба „поправање“. Не се обидувам да научам нешто ново кога речиси сум сигурен дека тоа ќе биде дочекано со критики, колку и да се тоа „конструктивни“ критики. Побарајте ги моите јаки страни и ќе ги најдете. Постои повеќе од еден „правилен“ начин на кој може да се направат работите.
  2. Помогнете ми со социјалните интеракции. Можеби ви се чини дека не сакам да си играм со другите деца  на игралиштето, но најчесто само не знам да започнам разговор или  дружење. Охрабрете ги другите деца да ме повикаат да им се придружам кога си подаваат со топка или кога шутираат на кош, мене ќе ми биде многу мило да им се приклучам.

Најмногу ме бидува за структурни активности кои имаат јасен почеток и крај. Не знам како да „прочитам“ изрази на лицето, телесен говор или емоции кај другите лица, затоа ќе ви бидам благодарен ако ме подучувате како соодветно да реагирам во одредени ситуации.  На пример, ако Емили падне од лизгалката и јас се насмеам, тоа не е затоа што мислам дека тоа е смешно. Работата е што јас не знам која е соодветната реакција. Научете ме како да велам „Дали си добро?“.

  1. Обидете се да откриете што ги предизвикува моите емоционални испади. Емоционалните испади, епизоди, побеснувања, наречете ги како сакате, за мене се дури и понепријатни отколку што се за вас. Тие се случуваат затоа што едно или повеќе од моите сетила се преоптеретени.  Доколку сфатите зошто се јавуваат тие емоционални испади, истите ќе може да се спречат.. Водете дневник во кој ќе го запишувате времето, опкружувањето, луѓето и активностите. Може да се јави одредена шема.

Обидете се да запаметите дека сето тоа однесување е една форма на комуникација. Тоа ви кажува, кога моите зборови не можат, како јас гледам на нешто што се случува во мојата средина.

Родители, имајте на ум и дека: одредено постојано однесување може да е резултат на веќепостоечка медицинска состојба. Алергиите и чуствителноста на одредена храна, нарушеното спиење и гастроинтестиналните проблеми може значително да влијаат врз однесувањето.

  1. Сакајте ме безусловно. Заборавете на мисли како што се „Кога би можел/а…“ и „Зошто не може да…“ . . . Не ги исполнивте сите очекувања кои вашите родители ги имаа за вас и сигурно не би сакале постојано да ве потсетуваат на тоа. Јас не избрав да имам аутизам. Но, запаметете дека аутизмот ми се случува мене, не вам. Без вашата поддршка, моите шанси за успешно и самостојно созревање се мали. Со вашата поддршка и усмерување, шансите се поголеми отколку што мислите. Ви ветувам, дека вредам за да се потрудите.

За Мартин Ѓорѓиев - Штип

Можеби ќе ве интересира

За сите кои се подготвени да го почуствуваат легендарниот глас на Здравко Чолиќ

 Балканската музичка ѕвезда, Здравко Чолиќ,  повторно во Скопје, каде со нетрпение чека да ја исполни Национална арена Филип …