Како да средства

kako do sredstva

Имате потреба од средства за операција во странство? Ние ви нудиме неколку предлози како да ги добиете тие средства:

1. Прашајте во Фондот за Здравствено Осигурување дали Вашата операција/интервенција е покриена од Државата
Јавете се во Фондот за Здравствено Осигурување (ФЗО) на нивниот бесплатен телефонски број 0800 33 22 22 и прашајте дали Вашата операција/интервенција може да биде покриена со средства од ФЗО. Исто така може да пратите емаил на helpdesk@fzo.org.mk и да испратите дополнителни информации за вашиот случај. ФЗО може да ги покрие средствата за болничко лекување на осигурените лица во странство, здравствени услуги на осигурениците кои се упатени на привремена работа во странство, итна медицинска помош на осигурените лица кои привремено престојуваат во странство, најповолните цени на здравствени услуги во странство, како и надоместувањето на патните трошоци. Сето ова е детално пропишано во Правилникот за начинот на користење  на здравствени услуги на осигурените лица во странство („Службен весник на Република Македонија“ број 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/2011 и 26/12).

2. Побарајте од мобилните оператори да ви отворат број за донации
Секој од мобилните оператори нуди можност за отварање на донациски број преку кој се собираат донации во текот на определен период (најчесто 3 месеци). Постапката за отварање донациски број е различна во секој мобилен оператор, но најчесто потребно е да ја доставите следната документација: барање за отварање на донациски број, конзилијарно мислење од овластена здравствена институција во Република Македонија за упатување на операција/лекување во странство, допис или потврда за закажана операција во странство, копија од лична карта и податоци за барателот, копија од отворена жиро/трансакциска сметка во банка, итн. Подетални информации како и пример барања за отварање донациски број има на страниците на мобилните оператори Т-Мобиле, ОНЕ и ВИП.

  

3. Испратете ни податоци да објавиме апел за помош на нашата страница
Испратете ни податоци нам и ние ќе објавиме апел за помош и ќе го објавиме на страниците на социјалните мрежи (Facebook, Twitter, Google Plus). Испратете ни: текст со вашиот апел, податоци за контакт (телефон, поштенска адреса, е-маил) и податоци за начинот за донирање средства (трансакциска сметка, девизна сметка, донациски броеви) на следната адреса mail@donacii.mk и ние во најкус можен рок ќе го објавиме на нашата страница.