Слободни денови за непушачите !!!

„Се надевам дека ќе ги охрабриме вработените да престанат да пушат со награди, а не со казни или закани“, вели Такао Асука, извршен директор на „Пијала“.

Минатата година, вработените во една маркетинг фирма забележале дека не сите нивни колеги работат ист број часови. Околу една третина од вкупно вработените во компанијата „Пијала“, во текот на денот излегувале на пауза за цигара.

Наспроти времето што пушачите го поминале надвор од канцеларијата, на пауза за цигара, крајот на работниот ден важи за сите подеднакво, односно сите излегуваат во исто време.

Непушачите му се пожалиле на извршниот директор, чиј одговор привлекол многу внимание во земја во која тутунот и натаму е исклучително популарен, а вработените ретко земаат слободни денови.

По ова компанијата соопштила дека вработените што не пушат ќе добијат шест дена повеќе годишен одмор.

„Се надевам дека ќе ги охрабриме вработените да престанат да пушат со награди, а не со казни или закани“, изјавил Такао Асука, извршен директор на компанијата за „Japan Times“.

Оваа мерка досега има успех. Откако оваа понуда им била изложена на вработените во септември, минатата година, четворица вработени одлучиле да ги остават цигарите, наведуваат од компанијата.

Појавата на овие мерки доаѓа во време кога различни компании во Јапонија се обидуваат да ги натераат своите вработени да живеат поздраво и притисоците врз јапонската влада од странство да влијае на намалувањето на пушењето во јавност во пресрет на Олимписките игри во Токио во 2020 година.

Околу 20 отсто од Јапонците се пушачи, што е многу помалку отколку процентот на пушачи во претходните децении, но според државната статистика земјата и натаму е меѓу оние кои имаат најголем процент пушачи во светот. Пушењето е дел од културата и работното опкружување во Јапонија, каде што е сосема вообичаено компаниите да обезбедуваат посебни простории за пушачите, за да не излегуваат надвор.

Но, во „Пијала“, чие седиште во Токио се наоѓа во една висока зграда, околу 35 отсто од вработените пушат, а паузите за цигара станале проблем. Нивните канцеларии се наоѓаат на 29-от кат, но просторијата за пушење се наоѓа на приземјето, што значи дека паузите за пушење може да траат и по 15 минути за една цигара.

Компаниите во САД главно имаат многу поригорозен став кон пушењето. Од платите на пушачите тие им одземаат поголем процент за здравствено осигурување и забрануваат пушење во кругот на компанијата.

Некои работодавачи воопшто не ги земаат предвид за вработување луѓето што пушат. Според податоците на Центарот за контрола и превенција на болести, околу петнаесет отсто од полнолетните Американци се пушачи.

Нешто помалку од педесет отсто од поголемите американски работодавачи, во едно истражување навеле дека на пушачите им наплаќаат поголемо здравствено осигурување. Во просек околу 600 долари годишно повеќе отколку на непушачите, објавува Вилис Тауерс Вотсон, консултантска агенција која ги добила податоците од компании кои имаат најмалку илјада вработени. Во 2018 година, тој однос ќе порасне на 60 отсто од компаниите што ќе наплаќаат повеќе осигурување за пушачите.

Сепак и некои компании во Јапонија воведуваат построги правила за употреба на тутун. Една фирма за животно осигурување неодамна вовела нови мерки против пушењето, кои вклучуваат и забрана за пушење на имотот на компанијата и планови за пренамена на некогашните простории за пушење.