КОЛУМНА: Зошто ни е потребна креативноста? – Ана Чучкова

0
1016

Секој од нас уште од најрана возраст има способност да биде креативен. Запознавањето на светот околу нас, љубопитството да научиме за сѐ околу нас и наоѓањето решенија за проблемитеја развиваат креативноста

Со текот на животот овие импулси ги потиснуваме и замислуваме дека се детски. Почнуваме да избираме решенија на проблемите што се поедноставни, побрзи и општоприфатливи. На овој начин креативноста ја запоставуваме и не се трудиме да најдеме друго решение. Почнуваме да живееме во границите што самите си ги поставуваме.

ПОСТАВЕТЕ СИ НОВИ ЗАДАЧИ

Многу често се случува воопшто да не гледаме друго решение, освен тоа што е општоприфатено. Нашиот мозок е научен најпрво да ги разгледува решенијата за зададен проблем што веќе ги употребил. Ретко се прашуваме што можеме различно да направиме. Но треба да се потсетиме на една многу убава реченица што ја кажал Вилијам Пломар – „креативноста е силата со која можеме да го сврземе она што изгледа несврзливо!“.
Што ќе се случи ако почнеме свесно да му поставуваме на нашиот мозок проблеми со кои никогаш не се сретнал? Имаме две решенија – или автоматски ќе се откажеме од зададениот проблем, велејќи си дека немаме „нерви“ за тоа или ќе се замислиме и ќе почнеме упорно да трагаме по решение.
Има луѓе што би го избрале првиот начин, но сигурно познавате и луѓе што целосно занесени во проблемот бараат решение. Без разлика дали е тоа некоја математичка задача или составување коцки или е некој голем животен проблем, начинот на кој реагираме е ист. Предноста на луѓето што бараат други решенија, различни од досегашните, е огромна. Тие луѓе не се плашат да испробуваат нови патишта. Секогаш успеваат да најдат нешто ново и поинтересно.
Изборот дали ќе бараме друго решение или едноставно ќе функционираме по веќе одредените правила со себе носи низа последици во развојот на нашата личност. Луѓето што се храбри и испробуваат нови начини ја зголемуваат и својата самодоверба. Знаат дека ќе успеат, а тоа носи и повисок степен на самодоверба. Себеси се оценуваат како паметни, снаодливи и воопшто целата оцена што си ја даваат себеси е позитивна. Колку и забораваме што значи креативноста, треба да ја си ја повратиме и да се присетиме на детските денови, кога учевме што е коцка и што е топка. Сите овие игри имаат огромно влијание во текот на животот. Креативноста не е само цртање, сликање или плетење. Ја има во секоја наша одлука во текот на денот за решавање секаков проблем. Клучот кон успехот е да ризикувате да мислите на нетрадиционален начин. Општоприфатените правила се непријател на прогресот, рекол Тревор Бејлис.

КРЕАТИВНОСТА СЕ РАЗВИВА

Никогаш не е доцна да почнеме да ја развиваме креативноста. Како што може да се тренираат мускулите на телото, така можеме да го тренираме и нашиот мозок. Со секој зададен проблем може да му отвораме нови „патеки“ по кои ќе се движат нашите размислувања.
Еден од начините е да се ослободите од стереотипите. Обидете се да ги промените навиките за одредени работи. Ако имате строго прифатен ред во секојдневието, ако станувате во исто време, одите по истиот пат на работа, пробајте тоа да го промените. Рутината е убиство за креативноста и убава подлога за меланхолија и за досада. Разбудете се еден час порано и, наместо регуларното кафе, напијте се чај. Најдете друг пат за до работа. Можеби ќе откриете нешто ново и поинтересно по новиот пат.
Почнете да фотографирате, да собирате различни предмети, да ги запишувате сите ваши мисли, емоции и чувства. Анализирајте ги. Разгледувајте ги снимките што сте ги направиле или предметите што сте ги собрале. Ќе откриете нови работи и ќе почнат да ви се раѓаат нови идеи.
Ако одредена работа ја правите секогаш на ист начин, тогаш немојте за се разочарувате што секогаш го добивате истиот резултат. Скршете ги стереотипите и работете на својата креативност. Разбудете го детското во вас.

АВТОР: Ана Чучкова