Интервју со Ана Чучкова за семејното насилство кај мажот

0
2105

Семејното насилство кај мажите сеуште е табу тема во Р. Македониjа но сепак не е прашање за занемарување, напротив ова е тема за која треба отворено да се зборува посебно со младите луѓе. Затоа за оваа тема поразговаравме со проф. Ана Чучкова, психолог и психотерапевт при Меѓународниот Славјански универзитет Г.Р.Державин Св. Николе- Битола.                                                    10714738_10202512231638701_562776732_n

-Дали постои семејно насилство врз мажи во Р.Македонија?

Со оглед на тоа дека кај нас сe уште стереотипот за мажите е длабоко вкоренет во нашите сфаќања, дека мажот мора да е силен, груб и дека мажот не плаче и не покажува слабост, стереотип што не дозволува да видиме дека постојат многу мажи околу нас што се малтретирани од жените.
Ретко се зборува и за тоа дека скриената агресија на жената се манифестира многу силно преку психолошко малтретирање.

-Какво е најчесто психолошкото малтретирање врз мажите?

 Оваа агресија не е избувлива, не е неконтролирана и не завршува со шлаканици и тупаници. Оваа агресија е како оган што тлее скриен под насмеаното лице на една жена. Ретко кој може да забележи дека една жена применува психолошко малтретирање врз својот маж. Тоа малтретирање е подмолно, како резултат, голем степен од случаите завршуваат со самоубиство кај мажот.

-Дали постојат статистички податоци во Р. Македонија?

Во Р.Македонија нема официјална статистика за мажи кои пријавиле семејно насилство но тоа во никој случај не означува дека истото не постои. Во кабинетите често се случува тие да бараат помош токму за овој проблем.

Уште во 2000 година  Денис Хајнс анализираше две групи на мажи на возраст од 18 до 59 години. Од 822 мажи вклучени во истражувањето, 302 побарале професионална помош откако станале жртви на насилство од страна на нивните партнерки.

Останатите 520 мажи биле тестирани и понатаму. Кога им биле поставувани прашања за нивните врски, 16% од нив потврдиле дека имале случаи кога врз нив била извршена психичка агресија од страна на партнерките.

Се надевам дека и кај нас во наскоро ке излезат статистики за ваков вид на семејно насилство.

Како би го објасниле вие семејното насилство врз мажи?

Малтретирањето се состои од постојано отфрлање, критика за неспособноста на мажот, критика за „НЕ МАЖ“. Забрана на таткото да ги воспитува децата или да поминува поголем дел од денот со нив затоа што не постои доверба.

Опсесивност со контрола на секое излегување на мажот од дома. Забрана да разговара со колешки додека работи. Постојано критикување и прекорување за секој негов потег и омаловажување. Ваквиот однос создава голем притисок кај еден маж, без разлика што ние мислиме дека мажот е многу силен и би можел да издржи нешто такво. Многу луѓе би рекле дека тоа не е малтретирање, а уште полошо е што овие малтретирани мажи добиваат етикета од другите: „мекуш“, „лигло“, „не е маж“, „папучар“ и слично.
Живеејќи во општество во кое на секој маж му е наложено да биде издржлив, неколеблив, да не покажува емоции, а посебно ако тие емоции се страв и тага, овие луѓе почнуваат да тонат во една потиштеност што е безизлезна затоа што: прво, не смеат да се пожалат дека се малтретирани од жените и, второ, нема каде и нема како да докажат дека се малтретирани.

-Како се докажува психолошкото малтретирање врз мажот и дали постојат закони за истото?

 Психолошкото малтретирање најтешко се докажува и секогаш има простор за манипулација со него. Законот за психолошко малтретирање не е целосно оформен, не опфаќа многу важни работи што ќе помогнат за полесно докажување на ваквото малтретирање. Затоа овие луѓе почнуваат да ги прифаќаат постојаните омаловажувања и критикувања од страна на жените, почнуваат да веруваат во нив и нивната самодоверба е многу разнишана. Почнуваат да се сомневаат во своите способности.

Какви се последиците и што најчесто преземаат малтретираните мажи?

Последиците се фатални. На психички малтретирана личност патот кон алкохолизмот и депресијата  е отворен, патот кон самоубиство е краток. Ваквото психичко малтретирање врз маж го носи во себе сето она што го носи и малтретирањето на една жена од маж, само што ова малтретирање е уште потешко затоа што не постојат центри за згрижување и помош за малтретирани мажи. Општеството ги осудува затоа што „мажот мора да биде маж и треба да е над жената“. Положбата во која се наоѓа еден психички малтретиран маж навистина не е за потценување.

10637770_10202512235838806_1970570636_n

-Дали вашите студенти разговараат на оваа тема и како ја одработувате оваа проблематика?

За да можат што побрзо да се разбијат тие стереотипи дека само жените можат да бидат предмет на семејно насилство првото што треба да се направи  е промена во едукацијата и начинот на размислување кај студентите. Главно нешто што ги подготвувам студентите е да научат да не осудуваат и кога зборуваат за семејно насилство да не спомнуваат мажи или жени. Настојувам да употребуват” Личност што преживува семејно насилство”.  Така се дава можност за пошироко размислување и разбивање на стереотипите. Секој студент по психологија мора да научи да не осудува, да стане свесен за своите предрасуди , да биде свесен за сопствените стереотипи за д може да работи со различни луѓе. Затоа во мојата работа со студентите настојувам да ја подигнам нивната свесност за сите проблеми со кои ќе се сретнат како дипломирани психолози.                         10716133_10202512234838781_615968323_n