Д-р Ана Чучкова : Критичарот во нас

Критичарот во нас

Многу често во нашиот живот ни се случува да трпиме критика од другите. Некои од нас реагираат “опуштено” на неа и таа им делува позитивно.  Го корегираат однесувањето или работата, во однос на нивните цели и работите стануваат подобри за нив.  За други  критиката  е огромен црн облак што успева да го засени целото небо и тие не го гледаат ниту сонцето и ниту една позитивна работа во тој момент. Доколку и над вашите главички се создава ваков црн облак можеби е време да го слушнете внатрешниот ваш глас кој што постојано ве критикува. Тој, КРИТИЧАРОТ, постојано се претставува како да сте вие, како да е вашиот глас но верувајте не е.  КРИТИЧАРОТ e  веќе научениот  глас во вас кој како ехо се провлекува низ целиот ваш живот, појавувајќи се точно во моменти кога сакате да успеете во нешто. Тој всушност  е гласот на некој од нашите родители или баби и дедовци, оние коишто биле присутни во нашиот живот во најраните години. Често се случува децата да бидат воспитувани по строги па дури и многу ригидни  правила и доколку детето не се однесува по тие правила, тогаш следува остра критика. На пример :  “Ако не си ја исчешлаш косата, сите ќе ти се смеат”, ”види го брат ти а ти ништо ….”  и многу други слични услови што   “авторитетите “  ги зборуваат постојано.  Во подоцнежните години,  кога детето веќе е возрасна личност или  родител, започнува кон себе да ги користи сите критики што ги слушало во раната возраст. Затоа што ние секогаш го земаме моделот на однесување на некои од родителите или возрасното лице со кое што сме пораснале. Накратко кажано родители сме веќе  кон самите  себе.

Сигурна сум дека многу често повеќето од вас ги употребувате следните реченици: “Како можев да го допуштам ова?! ”, “Колку сум глупав и наивен, така и заслужувам!”, “Сам/а сум виновен/а за ова што ми се случува!”. Ако е така тогаш вашиот  КРИТИЧАР  е дежурен 24 часа во вашиот живот. Аkо често длабоко ве повредува секоја критика наменета за вас од страна на колеги, пријатели и родители и оваа критика ви го расипува расположението , тогаш е време да станете свесни за КРИТИЧАРОТ во вас, да го погледнете и конечно да си дозволите да уживате во вашите решенија колку неправилни или правилни да мислат другите дека се.

Доколку дозволите овој КРИТИЧАР да раководи со вашиот живот , се плашете да започнете нешто ново  и  тоа ќе ве натера да го поминете животот во потрага на сигурност што сама по себе води во застој. Во вакви случаеви е многу веројатно да стигнете до таму, така што секоја обична забелешка  ќе биде примена од вашиот мозок како голема критика која ја нарушува  привидната сигурност и потрагата ќе започнува одново и одново. На секоја критика ќе се откажувате и нема да бидете сигурни во себе.

Не дозволувајте ако некој ви посочи дека на вашата блуза има многу влакна од вашата коса и тоа да си го преведувате како критика, наменета за вашата личност и да помислувате : “Ете, и облеката не сум способна да си ја исчистам!”. Ваквиот начин на размислување т.е кога главната  улога во вашиот живот  сте му ја дале на КРИТИЧАРОТ  тогаш не можете да очекувате дека воопшто ќе бидете среќни и задоволни од себе.

Независно од работите што ги правиме и сакаме да ги правиме,  секогаш ќе има некој што не е задоволен со тоа и што мисли дека не е доволно добро. Исто така ако продолжете со ова темпо, може да отклучите некои тревожни и опсесивни растројства од сериозен карактер.

Клучот е во самопростувањето?  Луѓето со висока самоувереност, немаат проблем со мислењето на другите за нивната облека, тело, работа или  политички ставови. Исто така тие знаат сами да си простат, кога ќе увидат дека погрешиле и успеваат да продолжат понатаму. Научете да си простувате на себе , простете си и насмевнете се на себе си доколку сте задоцниле  еден ден на работа, во друштво сте кажале некаква глупост, ако сте си го истуриле кафето на новата кошула …

Решението за ова е  свесноста за тој дел во вас, согледување на работите какви што се и прифаќање на вашата личност каква што е. Вие самите одредувате кој дел од вас ќе раководи со вас, така да вие сте тие што можете да му ја одземете главната улога на КРИТИЧАРОТ и да му ја доделите на позитивниот дел во вас кој ве сака и знае да ве пофали, да се радува и да си дозволи и да греши. Затоа што тешко е да се трудите цел живот да сте идеални. Тоа е најголемиот товар што би можеле да си го доделете на самите себе си. И не зборавајте идеалната личност е токму таа штоможе да се насмевне на својата неидеалност!

Пишува: Д-р Ана Чучкова -психолог професор на Меѓународен Славјански Универзитет Г.Р.Державин Св. Николе – Битола